Полска има исклучително добар состав со дузина многу квалитетни играчи, повеќето од нив во реномирани екипи од топ 5 лигите во Европа и успех против нив би бил супер подвиг за Македонија. Мечот од третото коло во квалификациската група Г за пласман на ЕП меѓу Македонија и Полска ќе се игра на арената „Тодор Проески“, со почеток во 20.45 часот.
Селекторот на нашиот денешен ривал, Јиржи Брзечек и буквално има слатки маки пред секој квалификациски меч да одбере стартен состав од миксот на искусни и проверени играчи, комбинирани со млади фудбалери, кои сè повеќе се наметнуваат во големата конкуренција кај Полјаците за место меѓу 11-те кои ќе го носат главниот товар и денеска во Скопје против Македонија.
Сепак, од широкиот список квалитетни играчи, пред сè, се издвојуваат двете главни алки, односно срцето на тимот, капитенот Роберт Левандовски и Пјотр Зјелински.
Стоп за Лева и Зјелински е половина успех
Ако нашите репрезентативци успеат да ја сопрат или неутрализираат оската што ја сочинуваат левото крило на Наполи и голгетерот на Баерн, добар дел од работата на патот кон успех за нас ќе биде трасиран.
Зјелински игра во топ-форма веќе подолг период во Серија А за Наполи, а ги има сите квалитети да биде и светска ѕвезда. Не за џабе и Јувентус лицитира за извонредното 25-годишно лево крило на Полска, по потреба дури и главен креатор на играта во средниот ред. Зјелински има прекрасна техника и брзина, одличен преглед на игра и на него мора особено да се внимава. Знае за час да се пресели од крило во средина и да блесне со беспрекорни потези. За него во прв ред задолжен ќе биде Стефан Ристовски, а ќе му помагаат по потреба и Барди и Бејтулаи, кој одигра одличен меч против Словенија во претходното коло од нашата група.
Капитенот на гостите, Роберт Левандовски е првата ѕвезда во тимот, а за него е бесполезно да се трошат комплименти. Го има фудбалот во мал прст и перфектно знае да игра и полушпиц и шпиц, одличен е во скок-играта, а сите овие епитети постојано ги потврдува со импресивни настапи и за Полска и во дресот на Баерн.
Во сезоната што заврши беше прв стрелец на Бундеслигата, тоа е човекот што на Реал Мадрид му даде пет гола на еден меч, или со краток опис – Лева е во топ 5 најдобри шпицови во Европа. Главната задача да го спречува првиот налет на Левандовски во нашата дефанзивна зона би требало да ја има Бобан Николов со поддршка од Барди, а ќе бидат интересни директните дуели, особено во скок-играта, на Висар Муслиу со капитенот на полската репрезентација.
Долгите топки на Криховјак имаат очи
Кога на Полска не ѝ оди добро во организацијата на играта во средниот ред и ако се сопрат налетите преку крилата Зјелински и Гросицки, на сцена стапува Гжегорж Криховјак. Сега играч на Локомотив Москва и во најубавиот дел од кариерата една од важните алки на Севилја, кога тимот од Андалузија доминираше со пехарите во Лигата на Европа.
Криховјак има неверојатно прецизни долги пасови, со кои Полјаците ќе се обидат да сменат ритам, а 29-годишниот играч од средниот ред на гостите често знае како на тацна да ги проигра Пјонтек, Левандовски и Милик во опасната зона за шут пред голот на противниците. Треба да се внимава на долгите топки на Криховјак, со кои Полјаците ќе се обидуваат лесно да дојдат во шанса за гол.
Прекинот на играта, моќно полско оружје
Слободните удари и корнерите се силно оружје на Полјаците бидејќи и Пјонтек и Левандовски се многу опасни во скок-играта. Во текот на мечот знаат да ги сменат местата бидејќи имаат квалитет и двајцата да играат како шпиц и полушпиц, а особено се ефикасни во дуелите во воздух. Тука ќе треба да се внимава и на Камил Глик, стоперот на Монако, и на корпулентниот Јан Беднарек од Саутемптон, кој е висок 189 сантиметри. И двајцата често знаат да се приклучат во нападот при изведување на прекините и да бидат опасни во скок играта.
Полјаците како и секоја репрезентација имаат и свои слаби точки, па ќе се обидеме да ги анализираме и потенцијалните мани на фаворитот во нашата група.
Смената на голманската позиција
Војчех Шчесни, кој е прва опција на голот кај Полјаците, нема да брани по операцијата на лигаментите на коленото, а ќе го замени 34-годишниот Лукаш Фабијански. „Единицата“ на Вест хем воопшто не е лош голман, напротив, но ова ќе му биде прв меч во стартната постава на Полјаците по пауза од пет меча, или од октомври лани.
Тогаш доби шанса против Португалија и прими три гола, што беше оценето како неуспешен експеримент на селекторот Јиржи Брзечек. Фабијански е мајстор за пенали, но веќе сигурно чекори кон залезот на кариерата и не брани на ниво од претходните години.
И на голот на Вест хем примаше доста погодоци во Премиер лигата. Популарните „чекани“ со Фабијански на голот во сезоната што заврши во Англија беа тимот со најмногу примени голови од топ 10 клубовите на завршната табела. Честопати ваквата смена на голманите, овојпат и принудна, знае да биде и опасна. Се надеваме дека нашите напаѓачи ќе успеат да го искористат неочекуваниот камбек на Фабијански на голот на Полска.
Офанзивните бекови на фаворитот, шанса за атак на полскиот гол
Томаш Кеџора, Аркадиуш Реца и Бартош Бережински се одлични бекови, релативно млади, од кои Полска очекува уште долго да играат за репрезентацијата. Двајца од нив, Реца од Аталанта и Бережински од Сампдорија се менуваат на позицијата лев бек, а Кеџора, кој е член на Динамо Киев речиси сигурно ќе го почне мечот со Македонија на десната бековска позиција.
Но, триото бранители на бочните позиции кај полската селекција многу често сакаат да тргнат и во офанзива, што на некои дуели им задаваше многу мака и на селекторот Брзечек и на неговиот претходник Адам Навалка.
Таквиот, често премногу офанзивен пристап на полските бекови им отвораше доста простор на противниците пред полскиот гол, а ако тоа се случува и во Скопје, треба да се искористи шансата со молскавични контри да се загрозува Фабијански. Во таква ситуација брз пренос на топката пред сè до Горан Пандев, кој има одлични решенија и асистенции би можеле да ѝ донесат многу проблеми на гостинската одбрана и гол(ови) во мрежата на фаворитот.
Полска по долг период врза два меча без примен гол, но се надеваме дека во Скопје нема да направат и хет-трик.
Средниот ред го мачи Брзечек
Полска во моментов има топ напад со триото Левандовски – Пјонтек- Милик. Брзечек може да бира кој ќе го придружува популарниот Лева како втор напаѓач во најчесто форсираната формација 4-4-2 што во последно време ја практикува полскиот селектор.
Имаат и многу солидна одбрана со која командува Глик, покрај него како стопер и Беднарек или Паздан и со веќе споменатото трио бекови, од кои ќе играат двајца.
Но, во целиот систем на Брзечек најспоро, барем откако тој е на кормилото, се воигрува средниот ред. Криховјак ќе се обидува со долгите топки што имаат очи, но тој веќе не е оној стариот добар, борбен и корисен играч од времето на неверојатно добриот состав на Севилја. Во ПСЖ разочара, па се пресели во Локомотив Москва, екипа што не успеа да ја одбрани ланската круна во Русија.
Ѕвездата на Криховјак полека, но сигурно бледее. Покрај него, за организацијата на играта е задолжен Матеуш Клих, соиграчот на Езџан Алиоски од Лидс. Солиден играч, но не и од врвен калибар, па може да се каже дека Полска нема вистински креатор на играта. Забележливо беше на дуелите со Австрија и Летонија, дека дури и Левандовски се враќа поназад од неговата вообичаена позиција за да прими топка и да се обиде да ја донесе во последната зона пред противничкиот гол. Тоа е голем проблем за одличната селекција на нашиот денешен ривал и веројатно и најслабата алка во играта на првиот фаворит од нашата група за пласман на ЕП. Тоа треба да се искористи од нашите играчи во средниот ред и ако Македонија успее да биде егал или тука некаде во поседот на топката, има шанси за позитивен резултат.
Можни состави:
Македонија – 4-4-2: Димитриевски – Бејтулаи, Велкоски, Муслиу, Алиоски (К.Ристевски) – Ристовски, Барди, Николов, Елмас – Пандев, Несторовски. Селектор Игор Ангеловски.
Полска – 4-4-2: Фабијански – Кеџора, Глик, Беднарек, Бережински (Реца) – Гросицки, Криховјак, Клих, Зјелински – Левандовски, Пјонтек (Милик). Селектор: Јиржи Брзечек.