Бугарија е без пораз по три кола во третата група од Ц сегментот во Лигата на Нации, а падна и Кипар пред налетите на избраниците на Петер Хубчев.
Јунак на мечот беше Тодор Неделев со победнички гол во 68. минута за победа на домаќините од 2:1. Кипар поведе на „Васил Левски“ со голот на играчот на Јувентус, Григорис Кастанос во 41. минута, за потоа да се случи пресврт во вториот дел.
Кирил Десподов израмни во 59. минута, а Неделев го заокружи пресвртот за максимален учинок на нашите источни соседи по три кола во Лигата на Нации.
Главен конкурент за првото место кое води во повисок ранг на натпревари ќе им биде Норвешка, по триумфот од 1:0 со Словенија. Оле Селнас погоди во петтата минута од судиското продолжение во првиот дел, доволно за победа на викинзите од 1:0.
Бугарија има 9 бодови по три кола, пред Норвешка со 6, Кипар со три и Словенците кои се разочарување без бодови.