Иако преодниот рок во Премиер лигата е одамна затворен, шпекулации околу следните сензационални транфери не престануваат. Според последните најави од англиските медиуми, Манчестер јунајтед во јануари ќе понуди 120 милиони евра за офанзивецот на Јувентус, Пауло Дибала.
Со овој евентуален ангажман Јунајтед би требало да добие значително засилување на тимот, па така, Жозе Мурињо конечно би можел да ја смени својата филозофија и со помош на Дибала да го најде победничкиот рецепт.
Исто така, се споменува и можна директна размена, бидејќи Јувентус се интересира за услугите на Пол Погба, кој, пак, не ја отфрла можноста да се врати во Торино. Сепак, оваа опција е малку веројатна, со оглед на тоа дека Јунајтед се обидува да го зајакне тимот, а не да се ослободи од еден квалитетен играч за да добие друг.
Дибала е цел и на Реал Мадрид и Барселона, а и ПСЖ го смета како опција за следно големо име во редовите, што значи дека „ѓаволите“ ќе треба да подготват примамлива понуда за Аргентинецот да го одбере „Олд Трафорд“ за свој нов дом пред сите други.