Вардар и Кил ќе играат во дербито од полуфиналните мечеви на Супер Глоуб денеска, од 16.20 часот, со пренос на ТВ-Телма.
Популарните Зебри ќе му бидат ривал на европскиот првак и во фазата по групи во Лигата на шампионите, па денешниот меч ќе послужи и како загревање за стартот на луксузната европска лига.
Кил има еден трофеј на Супер Глоуб, славеше во Доха, во финалето во 2011 година против Сиудад Реал со 28:25 и стана светски клупски првак.
Вардар сега сака да ја прекине апсолутната доминација на шпанско-германските екипи на Супер Глоуб. Комбинирано тимови од овие две земји освоија 11 титули во досегашните 12 финалиња. Само катарскиот Ал-Сад успеа да им се протне на највисокото место на победничкиот пиедестал во 2002 година.
Барселона, која би била речиси сигурен противник на Вардар во финалето во Дамам ако „црвено-црните“ од Скопје денеска го победат Кил, е најтрофејна екипа со 4 пехари на Супер Глоуб.
Каталонците во полуфиналето ќе играат со домашната екипа Ал-Вехда денеска, од 19 часот.