Јадранската кошаркарска лига нема да биде доиграна откако клубовите на денешниот состанок едногласно се одлучиле за ваква варијанта. Нема да биде прогласен шампион, Црвена ѕвезда ќе игра во Евролигата, Партизан и Будуќност во Еврокупот, но нема да има ниту испаѓање, што е добра вест за Крка, Мега Бемакс и Задар, кои се на делба на дното.
Останува уште официјално да се одлучи дали лигата ќе се прошири од 12 на 14 клуба. Пополнувањето би било со два клуба од АБА 2 лигата. Таму најдобар тим е Борац Чачак, а втор е Сплит.
Еднаков број бодови со сплиќани има и МЗТ Скопје Аеродром. Хрватскиот тим е подобар во меѓусебните дуели (дома победи со 13 разлика, а во Скопје загуби со 6) и за тие седум поени разлика е подобар од Штрковите од Аеродром, кои може да бидат најголеми жртви на одлуките на зелена маса бидејќи нема да добијат шанса на терен да докажат дали заслужуваат да бидат дел од елитата. Освен МЗТ, и Сутјеска бараше да се игра плејоф за влез во АБА, за што има поддршка од црногорските прволигаши Будуќност и Морнар.