Аријан Адеми во минатото настапуваше за младата репрезентација на Хрватска, имаше три настапи на пријателски мечеви и за А тимот на оваа земја, но на крајот, во 2014 година се реши да ја прифати поканата да игра за Македонија. Сега како 29-годишен, капитенот на Динамо Загреб со нашата репрезентација се избори за настап на Европско првенство.
Адеми е еден од јунаците на победата во Тбилиси, иако има повреда, играше под блокада цели 67 минути.
„Не знам што да кажам, сон на секој спортист е да оди на ЕП. Малку кој веруваше дека би можел да играм на некое големо натпреварување. Лудница е“, изјави Адеми, кој е роден во Шибеник, а родителите му се Албанци од Македонија.
Откако не доби покана од тогашниот хрватски селектор Нико Ковач за настап на СП 2014 година, Адеми реши да не ја чека Хрватска.
„Не жалам што одлучив да играм за Македонија, веќе не сакав да чекам повик од хрватскиот селектор. Ковач се обиде да ме премисли, но веќе им дадов збор на Македонците и не сакав да го погазам договорот“, објаснува Адеми, кој е роднина на Агим Ибраими и за него вели дека многу му олеснил да се прилагоди во македонскиот национален тим.
Адеми вели дека на терен со колегите комуницира на албански и хрватски јазик, а малку зборува и македонски, па нема никаков проблем.