Еден од лидерите на македонската фудбалска репрезентација во последните неколку години, Аријан Адеми, реши дека е време да стави крај на кариерата во националниот состав. Адеми одигра 30 меча и 4 постигнати гола во црвено-жолтиот дрес на Македонија.
Селекторот Благоја Милевски вели дека Адеми се повлекува од лични причини и дека фудбалер од негов калибар заслужува да добие меч за простување од државниот дрес. Милевски изрази голема благодарност за се што Адеми направи во македонската репрезентација.
„Посебно жалам поради отсуството на Аријан Адеми, кој од лични причини одлучи да стави крај на репрезентативната кариера. Имав разговор со Аријан. Ќе ни недостасува и како личност и како фудбалер. Категоричен е во одлуката. Чувствува дека ова е моментот за крај на настапите во репрезентацијата и нема да сметаме на него. Треба сите да искажеме благодарност за неговиот придонес за македонската репрезентација и за нашиот фудбал воопшто. Предложивме да организираме натпревар за простување, негова е одлуката за тоа дали тоа би се случувало на натпреварот против Хрватска на 3. јуни или на првиот домашен натпревар во Скопје“, рече Милевски, кој даде и рапорт за тоа што следува, а е поврзано за македонската репрезентација во мартовскиот термин резервиран за пријателски дуели.