Претседателот на Африканската фудбалска конфедерација, Патрис Мотсепе, официјално објави дека следното издание на Африканскиот куп на нации во 2027 година ќе се одржи во јуни и јули.
Првенството ќе се одржи во Кенија, Танзанија и Уганда и покрај сомнежите за подготвеноста на инфраструктурата во трите земји.
Претседателот на локалниот организациски комитет во Кенија, Николас Мусоње, навести дека одложувањето за 2028 година би било попогодно за земјата поради претстојните општи избори во август 2027 година.
Сепак, Африканската конфедерација останува посветена на одржување на настанот во лето. Точните датуми за отворањето и финалето на турнирот ќе бидат објавени подоцна.
По 2028 година, турнирот ќе се одржува на секои четири години наместо на секои две за да се избегнат конфликти со европските клупски првенства, а и играњето во лето наместо среде сезона во зима е голем плус за клубовите кои имаат репрезентативци од земји од Црниот континент.

