Серхио Агуеро вечерва за последен пат ќе го облече дресот на Манчестер сити во финалето против Челзи во Лигата на шампионите, а во понеделник требаше да отпатува за Барселона и да го официјализира трансферот во Барселона.
Сепак, аргентинскиот напаѓач ги одложил лекарските прегледи и самата промоција во исчекување на конечната одлука на Лионел Меси околу неговата иднина. Според информациите на повеќе шпански медиуми, Агуеро веќе се договори со Каталонците на соработка до јуни 2024 година и значително пониска плата, меѓутоа најголемата причина што прифати да игра за Барса е токму неговиот репрезентативен колега, Лео Меси.
Сè додека Меси не одлучи дали ќе остане во клубот, Агуеро нема да стави потпис на договорот, а тоа им остава простор на останатите клубови кои исто така го посакуваа, да се обидат да го разубедат Аргентинецот да не потпише со гигантот од „Камп ноу“.