Македонија ќе има два претставника на фајнл фор турнирот во Келн. Сите срца сигурно ќе чукаат за шампионот Вардар, но честа на нашиот ракомет ќе ја брани и репрезентативецот Дејан Манасков во дресот на Веспрем. Токму Манасков имаше еден од најдобрите потези во реванш-мечевите од четврт-финалето во Лигата на шампиони. Погодокот кој го даде левото крило на Веспрем на дуелот против Фленсбург е прогласен за втор најубав во оваа фаза од натпреварувањето.
Пред Манасков е само еден, а тоа е Тимур Дибиров. Вардаровото лево крило го има најубавиот гол. Дибиров на неверојатен начин, од „мртов агол“ успеа да ја затресе мрежата на ПИК Сегед, погодок со којшто беше најавена серијата на Вардар од 10:3 и беше трасиран патот кон Келн.