Поразот на Холандија од Чешка е срамен, не поради резултатот од 0-2, туку поради тоа што Лалињата за 90 минути игра не успеаја да упатат ниту еден шут кон голот на противниците. Холандија во првата фаза играше ефикасен фудбал, но попладнево потфрлија целосно. Никогаш претходно на големите натпреварувања не се случило холандската селекција да нема ниту еден шут во рамките на голот.
Веројатно на Франк де Бур ова ќе му биде последен меч како селектор. Тој беше многу критикуван пред ЕП, но си „купи“ привремен мир со трите победи над Украина, Австрија и Македонија. Сепак, денеска со поразот од Чешка сите три победи во првата рунда се заборавени, испуштена е добра шанса да се стигне далеку.
На Холанѓаните им се повтори историјата. И на ЕП во 2008 година тие ги добија трите меча во групната фаза, а испаднаа во четвртфиналето (тогаш немаше осминафинале, елиминациите почнуваа од четвртфинале) од Русија.