Фудбалерот на Ливерпул, Диого Жота, и неговиот брат Андре Силва трагично ги загубија животите во ноќта меѓу средата и четвртокот на автопатот А-52 кај Сернадилја, Шпанија.
Според досегашните информации, двајцата браќа патувале со „Ламборџини Урус“ со многу голема брзина, се претпоставува над 200 км/ч, кога пукнала една од гумите, што довело до губење контрола врз возилото. Автомобилот удрил во заштитната ограда, се превртел и потоа се запалил. Телата на Диого Жота и Андре Силва биле пронајдени јагленисани на самото место.
Во јавноста се појави и анализа од експертот за безбедност на патиштата, Хавиер Лопес Делгадо, претседател на Асоцијацијата на ревизори за патна безбедност во Шпанија. Во интервју за „Опинион де Замора“, Делгадо наведе неколку фактори кои довеле до несреќата: големата брзина, состојбата на гумата, квалитетот на асфалтот и дизајнот на заштитната ограда.
Според него, гумата или не била во добра состојба, или немала доволно притисок, но тој потенцираше:
„Ако возел со 90 км/ч, најверојатно немаше да загине“.
Инженерот исто така посочи дека патната подлога била оштетена, со многу нерамнини кои ја намалиле контролата и контактот на гумите со асфалтот. Потсети дека осум дена пред трагедијата, на истиот километар се случила уште една тешка несреќа со сличен исход, што го натера да изјави:
„Можеби е случајност, но не верувам во такви совпаѓања кога две возила излетуваат од истото место“.
Дополнително, Делгадо ја критикуваше и заштитната ограда во средината на патот, тврдејќи дека не била правилно дизајнирана. Наместо да го врати возилото на патот, делувала како цврста пречка, што го зголемило ризикот од сериозен судир.