Ако Македонија воведе самоизолација, фудбалската репрезентација тешко дека ќе игра во септември против Ерменија!

Пандемијата со корона-вирусот може да донесе нови проблеми кога е во прашање македонската фудбалска репрезентација. Светската фудбалска федерација (ФИФА) синоќа донесе нови посебни правила поврзани со репрезентативните собири.

Управното тело на ФИФА донесе неколку привремени решенија поврзани со пандемијата со корона-вирусот. Најважното е тоа дека клубовите имаат право да не ги пуштаат фудбалерите да заминат на репрезентативните собири доколку во државата во којашто треба да отпатуваат постои пропишана самоизолација од најмалку пет дена за оние кои влегуваат во земјата.

Освен тоа, доколку постојат рестрикции за патување во земјата каде што треба да се игра мечот, екипите не се должни да ги пуштат фудбалерите за репрезентативните собири. Овие привремени правила на ФИФА ќе бидат во сила од 31 август до 8 септември. Тоа е период во кој треба да започне новиот циклус на мечеви во Лигата на нациите.

Според распоредот, Македонија на 5 септември во Скопје треба да игра против Ерменија. Сепак, според новите правила на ФИФА, може да се случи Македонија да не го одигра првиот меч во Лигата на нациите. Останува да се види каква ќе биде ситуацијата со опасниот вирус во нашата земја, која е ставена меѓу ризичните земји кога се работи за коронави-русот.

- Оглас -

Најнови вести