Марио Гомес е играч кој успеал освен со Баерн Минхен, титула во Германија да освои и во дрес на друг клуб, а тоа е Штутгарт. Голгетерот кој повеќе од една и пол деценија е на теренот, вчера славеше влез во Бундеслигата токму со Штутгарт. Легендарниот германски клуб од следната сезона ќе се врати во елитата, но без Гомес во тимот. Искусниот 34-годишен играч најави дека ќе ја заврши кариерата, а во изјавата успеа и шеговито да објасни зошто ќе оди во пензија.
„Преговарам со Реал Мадрид и Барселона. Ако не успеат тие преговори, ќе одам во пензија“, започна на шега Гомес, а потоа продолжи дека ја остварил последната зацртана мисија во кариерата. „Мојата последна мисија беше да се врати Штутгарт во Бундеслигата. Уште пред да почне сезоната, бев сигурен дека ќе одиме напред. Затоа и одлучив дека ова ќе биде мојата последна сезона во Штутгарт, во Германија, а најверојатно и како професионален фудбалер“, рече Гомес.
Марио беше еден од најдобрите напаѓачи на Германија, па затоа има и 78 настапи за националниот тим, каде што постигнал и 31 погодок. Во 2007 година со Штутгарт стигна до титулата во Бундеслигата, а потоа замина во Баерн Минхен, со кого се радуваше на уште две титули во германското првенство, две во Купот, две во Суперкупот, како и трофеј во Лигата на шампионите во 2013 година. Гомес има титула и во Турција, и тоа како играч на Бешикташ.