Лука Дончиќ доби преку четири милиони гласови од навивачите и според тој критериум, требаше да биде меѓу стартерите на предстојниот Олстар меч. Сепак, гласовите од навивачите даваат 50 проценти од бодовите, а се сметаат и по 25 проценти гласови од медиумите во САД и уште 25 отсто од играчите во НБА-лигата. Во еден ваков систем на гласање, најмногу загуби словенечкиот тинејџер, кој не се најде во првите пет играчи.
И покрај тоа што му беше нанесена неправда, Дончиќ уште на првиот меч по откривање на стартните петорки, покажа дека е олстар потенцијал. Словенецот го предводеше Далас до победа над Детроит од 106:101. Лука беше незадржлив и на крајот заврши со 32 поени и по осум скока и осум асистенции. Вакви бројки како тинејџери имале само Леброн Џејмс и Кевин Дурант.
Ова е втор негов најдобар меч во НБА кариерата на Дончиќ. Минатиот месец даде 34 поени, но неговиот Далас загуби, а сега со 32 поени го предводеше тимот до победа.