Ако се наместат коцките – Осум екипи имаат шанса за осминафинале само по 4 кола во ЛШ

Борусија Дортмунд, Атлетико Мадрид, Барселона, Интер, Ајакс, Баерн, Манчестер сити и Јувентус имаат шанса по денешните и утрешни натпревари во Лигата на шампионите да бидат осминафиналисти.

Иако се игра четвртото коло во првата фаза, овие 8 состави, ако се поклопат коцките, можат безгрижно да ги одиграат последните две кола во своите групи.

Еве го комплетното сценарио:

Група А

Монако (1 бод) – Бриж (1 бод) играат денеска од 18.55 часот

Атлетико Мадрид (6) – Борусија Дортмунд (9) играат денеска од 21 часот 

Борусија Дортмунд има максимален учинок по три кола и со победа во Мадрид, или и со пораз, ако ремизираат Монако и Бриж, сигурно оди во осминафинале.

Атлетико Мадрид треба да ги победи „милионерите“ од Дортмунд и Монако и Бриж да одиграат нерешено за да си обезбеди за себе, како и за Борусија, место меѓу 16-те најдобри во ЛШ.

 

Група Б

Интер (6) – Барселона (9) играат денеска од 21 часот

Тотенхем (1) – ПСВ Ајндховен (1) играат денеска од 21 часот

Во оваа група може да се случи комплетно исто сценарио како и во групата А. Интер да ја победи Барселона, а Тотенхем и ПСВ да ремизираат за сигурен пласман на италијанскиот и шпанскиот претставник во нокаут-фазата.

 

Група Е

Бенфика (3) – Ајакс (7) играат утре од 21 часот

АЕК (0) – Баерн Минхен (7) играат утре од 21 часот

Ако Ајакс ја победи Бенфика и Баерн слави во Атина, тогаш нема дилеми, понатаму одат холандскиот и германскиот гигант.

 

Група Ф

Манчестер сити (6) – Шахтар (2) играат утре од 21 часот

Лион (5) – Хофенхајм (2) играат утре од 21 часот

Ако Сити го победи украинскиот првак, а Лион биде подобар од Хофенхајм, Англичаните ќе бидат недостижни за Шахтар и за германскиот претставник и ќе се промовираат во осминафиналисти во ЛШ по ова коло.

 

Група Х

Валенсија (2) – Јанг бојс (1) играат утре од 18.55 часот

Јувентус (9) – Манчестер јунајтед (4) играат утре од 21 часот 

„Старата дама“ од Торино ќе биде полуфиналист и со реми против Манчестер јунајтед, а победа ѝ гарантира и прво место во групата, без разлика на исходот од мечот на „Месталја“.

 

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести