Кандидатурата на Албанија и Србија за заедничка организација на Европското првенство за фудбалери до 21 година, кое треба да се одржи во 2027 година, е единствената која е доставена до УЕФА, а конгресот во декември треба само да ги потврди како домаќини.
Јавноста во Албанија и Косово ја критикуваше ваквата одлука на Фудбалскиот сојуз на нашиот западен сосед, но селекторот на младинската репрезентација, Албан Буши, не се согласува со тоа и вели дека е најдоброто нешто што ѝ се случило на Албанија на спортски план.
„Ова е најдобрата работа која некогаш ѝ се случила на Албнија, да се организира Европско првенство, секако ако УЕФА тоа го потврди. Воопшто не ми е важно со кого ќе го организираме, дали со Србија или со Словенија. Мене ме интересира само спортската страна и тоа е нешто големо, како што беше и домаќинството на финалето од Конференциската лига. Ова е Европско првенство и на Албанија ќе ѝ донесе големи придобивки“, вели Буши.
Според договорот на двата Фудбалски сојузи, првенството ќе биде отворено во Тирана, а финалето ќе се одигра во Белград.