Фудбалската репрезентација на Албанија освои три бода по првите две кола во квалфикациите за пласман на Светското првенство 2026 година. За разлика од нив, Србија, која е во нивна група, уште нема одиграно ниту еден дуел.
Првиот меч во овие квалификации за Србија е „огнено крштевање“ во Тирана, на гости против Албанија. Ривалството меѓу овие два соседa на Македонија е големо на секој план, па така и на фудбалски.
Мечот ќе се игра во Тирана на 7 јули, а над 200.000 барања за билети пристигнаа од фанови кои сакаат да го следат овој меч. Во пресрет на мечот, претседателот на Албанската фудбалска федерација, Арманд Дука, е оптимистички расположен и најави дека целта на нивната репрезентација е да го остварат сонот, а тоа е настап на Светско првенство.
„Успеавме да одиме на Европското првенство и сега имаме желба, сон, цел – да се квалификуваме за Светското првенство. Тешка цел, но не и невозможна. Имаме реална можност на хартија да се бориме за второто место. Главен противник за ова второ место е Србија. Тим со многу добар состав, со квалитетни играчи, но не мислам дека Србија е подобра од нас“, рече Дука во интервју, кое беше објавено во вторник од Албанскиот фудбалски сојуз.
Дука знае дека на дуелот против Србија стадионот ќе биде преполн и се надева дека поддршката ќе се претвори во позитивна енергија за тимот.
„Нека нема притисок врз нашата репрезентација. Ни треба позитивна енергија, а не притисок за тимот да го доживее тој натпревар како фудбалски дуел со цел да оди на Светското првенство. Навивачите и фудбалерите треба да делуваат сплотено. Сите заедно мора да создадеме позитивна атмосфера“, додаде претседателот на Албанската фудбалска федерација.