Стратегот на Јувентус, Масимилијано Алегри, беше задоволен што неговиот тим стартуваше со победа во Лигата на шампионите, и тоа на тешкото гостување кај Валенсија. Италијанскиот првак победи со 2-0 благодарение на двата погодока на Пјаниќ од пенал.
Иако Јувентус победи со голови постигнати од белата точка, Алегри беше незадоволен од судењето, односно од одлуката на арбитерот Феликс Брих да го исклучи Кристијано Роналдо во 29-тата минута.
„Одигравме навистина добро. Уште пред исклучувањето на Роналдо, имавме неколку шанси за погодок, а потоа и заслужено поведовме. Дури во последните минути од мечот му дадовме повеќе простор на противникот, но тоа е нормално, ако се знае дека играчите беа уморни. На „Месталја“ не е лесно да се игра. Валенсија е добар тим и има одлична публика, која многу им помага на нивните миленици. Добро е што црвениот картон не смени ништо во играта. Мислам дека ако судијата имаше шанса да искористи системот ВАР и да гледа повторена снимка, немаше да го исклучи Роналдо. Имаме право да се чувствуваме оштетени“, рече Алегри по победата на Јуве од 2-0 во Шпанија.