Подобро е да се игра со Мбапе и Винисиус отколку против нив, треба да се штипнам за да проверам дали ова е сон или јаве. Ова се главните поенти кои ги кажа Трент Александер-Арнолд на првата прес-конференција како играч на Реал Мадрид.
Арнолд не кажа дека бил навивач на Реал Мадрид уште од мал, но навивал за тим за којшто играл Чаби Алонсо, кој сега ќе му биде тренер во Реал.
„Пораснав како навивач на Ливерпул и го гледав Чаби како го добива тоа финале во 2005 година. Разговарав малку со Чаби и му кажав дека ми е идол. Пораснав гледајќи го Реал Мадрид како победува. Сакав да бидам дел од таа приказна. Тие се тим со менталитет да освојува титули. Знам дека луѓето мислат дека Џуд Белингам беше клучен за моето доаѓање тука, но тоа не е случај. Тој е мој пријател, но сите знаеме кој е Реал Мадрид, никој не треба да ми дава препорака. Одлуката не беше лесна. Знаев дека ако го напуштам Ливерпул еден ден, тоа ќе беше само за да дојдам во Реал Мадрид, немаше друга опција. Чувствувам дека донесов правилна одлука“, изјави Трент.
„Ова е како сон, сè уште треба да се штипнам за да сфатам дека е јаве. Од утре почнувам со тренинзи. Подобро е да се игра со Мбапе и Винисиус отколку против нив. Воодушевен сум што играм со нив. Одиме во САД да го освоиме Светското клупско првенство. Имав среќа да играм за најголемиот тим во Англија, а сега и за најголемиот во Шпанија. Имаат многу сличности. Ливерпул очекуваше од нас да освоиме титули, и тука е исто“, додаде бекот.