Алфа Ромео по 33 години се врати во светот на автомобилските трки во Формула 1. Минатата година беше генерален спонзор на Заубер тимот, а од претстојната сезона тој тим ќе се вика Алфа Ромео рејсинг. Само името се смени, останатото останува исто како досега.
Штабот на тимот останува во Швајцарија, како и цел инжењерски тим, додека и во иднина ќе ги користат моторите на Ферари. Во новата сезона ќе влезат и со нов возач, токму од тимот на „црниот коњ“ пристигна поранешен светски првак, Кими Рајконен, додека вториот волан ќе биде доскорешниот тест возач на италијанскиот гигант, Антонио Џовинаци.
Алфа Ромео е еден од пионерските тимови во Форула 1, швајцарскиот тим ќе ја има честа да го носи името кое во најбрзите трки се појави пред 108 години.
Новата сезона започнува на 17-ти март, традиционално прво ќе се вози во Мелбурн за Големата награда на Австралија. Титулата ја брани Луис Хамилтон со неговиот Мерцедес.