По двомесечна пауза, екипата на Алкалоид ја продолжува европската авантура во ЕХФ Европскиот Куп. Вечерва на гости во Италија, Алкалоид ќе игра против ССВ Бриксен.
Се работи за тим кој е на седмото место во првенството на Италија со биланс од седум победи, седум порази и три нерешени. Според квалитетот и квотите, Алкалоид е во улога на фаворит, но тренерот Кирил Лазаров потенцира дека неговите играчи мора да бидат претпазливи и без никакво потценување на противникот да влезат на дуелот.
„Имавме доста материјал за Бриксен и доста се посветивме на нив. Знаеме дека се работи за искусна екипа што игра долго време заедно, знае што сака и што прави во секој момент на теренот. Играат со не повеќе од осум до девет играчи, а тоа значи дека добро се воиграни и затоа мора да бидеме многу внимателни. Тоа што играат со осум до девет играчи од една страна е предност за Бриксен затоа што се воиграни и со поглед може да се договорат што да прават, од друга страна, пак, може и да е мала предност за нас затоа што ние имаме повеќе играчи на располагање и сме побрзи.
Добро е што првиот меч го играме на гости, тоа е еве една мала предност за нас ќе речам, затоа што реваншот ќе го играме дома и ќе можеме во нашата сала пред нашата публика да го бараме потребниот резултат. Треба да имаме предвид и дека италијанскиот ракомет е во подем, со она што го прикажа нивниот национален тим. Ние нема да потцениме никого во ниту еден случај, ќе одиме со 100%. Мислам дека екипата е добро подготвена, водиме грижа сите играчи да бидат во ред, посебно тие што играа на Светското првенство“, изјави тренерот Кирил Лазаров.