Алкалоид – АЕК ќе биде повеќе од меч, треба да се игра во „Борис Трајковски“

Ракометарите на Алкалоид направија голем успех со пласманот во финалето на Европскиот куп на ЕХФ, и тоа без главниот организатор Марко Митев и капитенот Игор Ѓорѓиев, а сега пред тимот е финале со атинскиот АЕК.

Утре ќе се влече ждрепка за да се знае кој ќе биде домаќин на првиот меч на 17 мај, а кој ќе бие домаќин на реваншот на 24 мај, ден кој може да биде за историја за македонскиот ракомет.

Ракометот е спорт број 1 во Македонија според резултатите и сигурно дека многу љубители на овој спорт ќе сакаат да го гледаат мечот со АЕК и да му дадат поддршка на составот на тренерот Кирил Лазаров, во којшто играат македонски, претежно млади играчи и само двајца странци.

Алкалоид заслужува да игра пред многу повеќе публика, поддршката може да биде пресудна во финалето против АЕК.

Алкалоид против АЕК ќе игра за себе, но и за цела Македонија. Интересот ќе биде голем, во Скопје уште од времето на Кометал Ѓорче Петров не се играло финале на европски куп, а се сеќаваме каква поддршка имаа ракометарките на патот до европскиот трон.

Досега Алкалоид сите мечеви ги играше дома, во „Автокоманда“, но финалето е друга приказна, ќе мора да се игра во „Борис Трајковски“. Веројатно и ЕХФ ќе ги заостри критериумите и нема да дозволи да се игра во „Автокоманда“, но и без тоа, раководството треба да одлучи да се игра во многу поголема сала.

Тимот на Лазаров покажа дека е зрел за европски трофеј во третото по квалитет натпреварување во Европа по Лигата на шампионите и Европската лига.

Алкалоид постои само неколку години, а стана трет машки клуб од Македонија што стигнал до европско финале. Вардар има две титули во Лигата на шампионите, а Пелистер во 2001 играше во финалето на Челинџ купот, денешниот ЕХФ Европски куп.

Најголемата заслуга за тоа оди кај тренерот Лазаров, чиј борбен тим игра брз модерен ракомет, а иако има млад тим, и психички покажаа стабилност. Синоќа губеа со 1-6 на стартот, но тоа не ги збуни, не потклекнаа, издржаа до крај, а во пенал-рулетот младиот голман Галевски фати три седмерци и покажа каков голман е.

 

- Оглас -

Најнови вести