Карлос Алкарас со триумфот на САД опен, собра дури 1.950 поени повеќе од лани на истиот турнир, па изби на прво место на новата АТП листа објавена денеска, прекинувајќи ја доминацијата на Јаник Синер кој загуби 700 поени и падна на втора позиција на ранг листата.
Александер Зверев остана на трето место, а сега четврти е Новак Ѓоковиќ кој напредуваше за три позиции, бидејќи минатата недела беше дури седми.
Инаку, Алкарас во кариерата има веќе шест гренслем титули, по две на Ролан Гарос, Вимблдон и САД опен, и тоа е одличен биланс за некој што е 22-годишен. За споредба, кога имаа 22 години, легендата Роџер Федерер и рекордерот Новак Ѓоковиќ кој сега има 24 гренслем трофеи, имаа само по една гренслем титула. Синер на 22 години немаше освоено гренслем, а најдобриот шпански тенисер во историјата, Рафаел Надал, на 22 години има пет, што е за една помалку од тоа што има неговиот сонародник.
Но, големината на триото кое одбележа ера беше во константноста, 15-тина години доминираа на тениските терени. За да дојдат до 20 или повеќе гренслем титули, на Алкарас и Синер ќе им треба уште барем една деценија да бидат на врвно ниво, конкурентите да им бидат како сегашните, и да избегнат посериозни повреди.