Младиот шпански тенисер Карлос Алкарас по втор пат за само нешто повеќе од еден месец ќе излезе на мегдан против Новак Ѓоковиќ. Алкарас е број 1 на АТП листата, но загуби од Ѓоковиќ во полуфиналето на Ролан Гарос, а Ноле подоцна триумфално стигна до трофејот.
Утре, Алкарас ќе има шанси за реванш и тоа во финалето на Вимблдон. Ѓоковиќ е најтрофеен по бројот на Гренд слем трофеи (23 титули), а Алкарас е играчот кој треба да е иднина на светскиот тенис и сега е лидер на АТП.
„Ова е сон за мене, ќе играм финале на Вимблдон. Сите знаат дека Ѓоковиќ е легенда и дека ќе биде многу тешко. Верувам дека можам да го победам. Финале е, не се плашам. Ќе мора да излезам на теренот со помалку нервоза од тоа што имав на дуелот на Ролан Гарос. Се надевам дека нема да имам грчеви како во Париз. Треба да останам фокусиран, затоа што Ѓоковиќ е неверојатен. Тој не прави ништо лошо на теренот. Физички е ѕвер, ментално е ѕвер“, вели Алкарас пред утрешното финале.