Шпанскиот тенисер и број 1 на АТП ранг-листата, Карлос Алкарас, по поразот од Русинот Данил Медведев во полуфиналето на Мастерс турнирот Индијан Велс, рече дека бил изненаџен. Мечот заврши со победа на Русинот од 6-3, 7-6.
„Сакам да го пофалам Данил и да му честитам. Мислам дека одигра феноменален натпревар. Од првиот до последниот поен, беше неверојатен. Искрено, никогаш порано не сум го видел Данил да игра на ова ниво. Тој целосно заслужи место во финалето тука. Она што најмногу ме изненади беше колку агресивно играше целиот натпревар. Знаев дека ќе се обиде, но начинот на кој го направи тоа навистина ме изненади. Не направи толку многу грешки колку што мислев. Условите беа различни, топката отскокнуваше високо. Секогаш беше добро позициониран при враќањето“, рече Алкарас на кој му заврши серијата од 16 победи по ред оваа сезона.
„Во моментов сум малку разочаран, но во исто време се обидувам да ги најдам позитивните работи. Кога противниците играат на ова ниво за да те победат, тоа значи дека мора да бидеш подготвен за тоа на секој натпревар. Сè што останува е да продолжиш понатаму и да учиш од вакви натпревари“ – додаде Алкарас, кој неодамна се пожали дека „на секој меч како да игра против Федерер“ бидејќи сите негови ривали даваат максимум против него и сакаат да го победат прворангираниот на светот.

