Алушовски: Војводина игра модерен ракомет, очекувам сериозен дуел

Вардар ја отвора втората полусезона во СЕХА-лигата со дуел на домашен терен против Војводина. Вицешампионот на меѓународниот ракометен турнир некомплетен се подготвува за овој дуел, Иван Чупиќ и Патрик Валчак се вратија во родните земји по настапите на Светското првенство, но се очекува наскоро да се вратат во Скопје.

Стевче Алушовски, предводникот на Црвено-црните, вели дека Војводина е сериозен противник кој поседува млада екипа која игра модерен ракомет, па затоа очекува сериозен пристап во мечот од неговите избраници.

„Ние сме некомплетни на два дена пред почетокот на полусезоната во СЕХА-лигата бидејќи дел од играчите уште имаат репрезентативни обврски. Работам со оние ракометари кои ми се на располагање, колку што дозволува играчкиот кадар за да се одработи нешто квалитетно. Војводина е квалитетна екипа која е составена од млади играчи кои доста трчаат, го забележав тоа на нивниот последен натпревар во српското првенство. Играат брз, модерен ракомет, цврсти се во одбраната и добри се во транзиција, така што очекувам еден сериозен натпревар. Секогаш кога Вардар игра дома, целта е да се преземе фаворитската улога и се надевам ќе одиграме коректен натпревар кој ќе ни послужи како подготовка за сè она што нè очекува во наредниот период“, посочи Алушовски.

Дуелот е закажан за утре, во 17:45 часот, и ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“.

- Оглас -

Најнови вести