Алварес: Бразил имаше среќа што не ни играше Меси

Аргентина покажа зошто е светски фудбалски шампион откако со убедливи 4:1 го победи Бразил во меч од квалификациите за пласман на Мундијалот кој ќе се игра следната година. Со оваа победа Гаучосите и официјално го визираа местото на планетарниот собир и ќе го бранат тронот освоен на СП 2022 во Катар.

Интересно е дека Аргентина на овој меч беше без неколку ѕвезди, меѓу кои и капитенот Лионел Меси. По завршување на мечот, Хулијан Алварес, фудбалерот на Атлетико Мадрид, реши дополнително да ги провоцира Кариоките.

„Ако вечерва го имавме Меси во тимот, ќе постигневме уште два-три гола“, рече Алварес, фрлајќи дополнително „сол на раната“ за Бразилците.

Пред мечот Бразилецот Рафиња се закануваше дека Аргентина ќе загуби на свој терен, а Алварес вели дека таквите изјави само им биле дополнителен мотив да играат најдобро.

„Јасно е дека тоа ни даде дополнителен мотив, а ние на теренот одговоривме на најдобар начин. Одигравме одличен меч. Блескавме на теренот. Тоа беше најдобрата лекција која можевме да им ја дадеме“, задоволно коментираше Алварес.

 

- Оглас -

Најнови вести