Американец поднел групна тужба против „Нетфликс“ поради лошиот квалитет на стримингот кој разочара милиони гледачи за време на боксерскиот меч меѓу поранешниот шампион во тешка категорија Мајк Тајсон и јутјуберот Џејк Пол.
Роналд Дентон, жител на регионот Хилсборо во Флорида, тврди дека „Нетфликс“ ја прекршил договорната обврска поради чести прекини во преносот, пренесува „ТМЗ“.
Со тужбата поднесена пред државниот суд во Флорида, тој бара обештетување од најмалку 50 милиони долари. Во тужбата се наведува дека 60 милиони Американци биле возбудени да го гледаат Мајк Тајсон против Џејк Пол, но наместо тоа, тие го гледале „најлошиот стрим на планетата“.
Многу гледачи пропуштиле делови од борбата поради прекини, а тужбата се заснова на жалбите на повеќе од 100.000 луѓе на интернет.
„Нетфликс“ објави дека мечот го следеле 60 милиони гледачи ширум светот, а највисокото ниво на гледаност било достигнато на 65 милиони истовремени стримови.