Сопственикот на Челзи, Тод Боли, кој минатото лето го купи премиерлигашот од Роман Абрамович, стана предмет на потсмев на социјалните мрежи поради неговата трансфер-политика.
Боли во летниот преоден рок 2022 година и сега во зимскиот потроши неверојатни 461 милион евра за купување на 14-мина фудбалери, но резултатите изостанаа. По 20 одиграни кола во Премиер лигата, Сините се наоѓаат на разочарувачкото 10-то место на табелата само со 29 освоени бода и само 22 дадени гола.
И покрај разочарувачките игри на фудбалерите, навивачите на Челзи се задоволни од сопственикот, американскиот милијардер Тод Боли, кој за шест месеци покажа дека не му е проблем да потроши голема сума пари за засилувања.
Но, во исто време, на социјалните мрежи многумина тераат мајтап со Боли, а сега се вклучи и „Бличер репорт“, кој направи фантастичен анимиран филм.
Во видеото на комичен начин го прикажаа Тод Боли и неговиот начин на водење на трансфер-политиката. „Бличер репорт“ на свој начин објаснува како Боли ги купува фудбалерите и како доаѓа до информациите.