Американците не се созедоа од нокаутот во првата четвртина

Србија славеше против САД со 94:89 во дуелот на двете најголеми разочарувања на Мундобаскетот. Селекциите кои беа најголеми фаворити за златото, денеска играа во меч за разигрување од петто до осмо место, откако претходно беа елиминирани во четврт-финалето. И покрај тоа што мечот не решаваше многу, беше интересен.

Србија фуриозно го започна мечот. САД поведе со 2:0, а потоа следуваше серија од 11:0 за Србија, што беше најава за речиси перфектна четвртина. Србите со удари за три поени го торпедираа кошот на противникот, а Американците едноставно не можеа да погодат во нападот. На крајот, по првите 10 минути, Србија имаше неверојатна предност од 32:7. 

Во втората четвртина беше ред Американците да покажат што знаат. Со серија 23:6 најпрво стигнаа до едноцифрена разлика (38:30), а до полувремето негативата беше намалена само на четири разлика (44:40). Во текот на целата трета четвртина Србија ја чуваше предноста, која во еден момент беше и 10 поени (61:51), за сепак во решавачката четвртина да се влезе со 71:68.

Со серија од 7:0, Србија стигна до 78:68 и до крајот на мечот успешно ја сочува предноста и се избори да игра во меч за петтото место, додека на САД останува да го избегне осмото место на Мундобаскетот.

 

- Оглас -

Најнови вести