По поразот од Арсенал во првото коло, Манчестер јунајтед не успеа да стигне до првата победа ни во вториот натпревар од новата сезона во Премиер лигата. Црвените ѓаволи одиграа 1-1 против Фулам во Лондон, а менаџерот Рубен Аморим по мечот изрази жалење за пропуштените бодови, но и уверување дека тимот ќе расте од натпревар во натпревар.
„Можеме да играме подобро, но важно е дека сите даваат максимум. Добро почнавме, но по голот престанавме да играме и мислевме само на резултатот. Толку многу сакаме да победуваме, што понекогаш тоа нè кочи. Наместо да ја искористиме предноста, му дадовме простор на противникот. Треба да израснеме како тим, но работата на тренинзите и денес на теренот ми дава оптимизам“, изјави Аморим за „Скај спортс“.
Тој се осврна и на промашениот пенал на Бруно Фернандеш.
„Бруно е навикнат да презема голема одговорност, затоа пропуштената пенал-можност многу го погоди. Мислам дека размислуваше повеќе за минатото отколку за сегашноста. Треба да продолжиме напред, без разлика што се случува. Пропуштивме шанси, постигнавме гол, но потоа не го одржавме темпото. Најважно е да останеме фокусирани и да играме до крај.“
Со ремито во Лондон, Манчестер јунајтед и по две кола останува без победа. Португалскиот стратег е убеден дека тимот има квалитет за многу повеќе, но е потребно време за стабилност и зрелост.