Менаџерот на Манчестер јунајтед, Рубен Аморим, отворено го искажа своето незадоволство по ремито 1-1 против Вулверхемптон, без да се обидува да ја разубави реалната слика од теренот.
Португалскиот стратег натпреварот го опиша како „чуден“, потенцирајќи дека неговиот тим сериозно потфрлил во квалитетот и организацијата на играта. Аморим беше особено критичен кон тактичките слабости што се појавиле во текот на целиот дуел.
„Страдавме речиси цел натпревар. Кога недостасува креативност, нема простор за изговори. Недостатокот на поврзаност меѓу линиите нè чинеше многу“, истакна тренерот на Црвените ѓаволи.
Тој додаде дека резултатот е последица на лошата игра, а не на надворешни фактори.
„Не можам да го сменам исходот и нема да барам оправдувања. Се обидовме со двајца напаѓачи, но потоа примивме гол од прекин. Играчите вложија напор, но кога не играш добро, се мачиш и со топка и без неа“, заклучи Аморим.

