Актуелниот европски првак Пари Сен Жермен, како и Реал Мадрид си обезбедија место во осминафиналето од Лигата на шампионите. Двата европски гиганти вечерва на свој терен го визираа местото во следната фаза од елитното натпреварување.
ПСЖ оди понатаму благодарение на победата во првиот меч во Монако со 3:2, затоа што вечерва пред своите навивачи одигра само 2:2. Монако водеше со 1:0 на полувреме, а на почетокот на второто полувреме Монако остана со играч помалку по црвениот картон на Кулибали, па ПСЖ со погодоците на Маркињос и Кварацхелија направи пресврт и поведе со 2:1. Да биде драмата до крајот, се погрижија гостите, кои со голот на Тезе израмнија на 2:2, а во последните моменти имаа шанса и за победа, но тоа не се случи, па ПСЖ останува да го брани тронот во ЛШ.
Реал Мадрид со 2:1 ја победи Бенфика и ако на тоа се додаде и триумфот од 1:0 на првата средба во Лисабон, јасно е дека Кралевите се во осминафиналето. Бенфика прва даде гол, но Реал брзо израмни и тие погодоци може да ги видте ТУКА.
Во второто полувреме Бенфика се обидуваше да израмни, но сите надежи на гостите ги урна Винисиус јуниор, кој погоди за 2:1 во 80-тата минута. Погодокот на Бразилецот може да го видите ТУКА.
Најдраматично е во Торино, каде што Јувентус има 3:0 против Галатасарај по 90 минути игра. Овој резултат на Јувентус му даде борба за дополнителни 30 минути затоа што е доволно да се анулира негативата од 2:5 што ја имаше по првиот меч во Истанбул.
Јувентус со голот на Локатели од пенал поведе со 1:0 по првиот дел. На почетокот на второто полувреме Јувентус остана со играч помалку по директниот црвен картон на Кели, но Старата дама не се предаде.
Со играч помалку Јувентус постигна два гола, Гати зголеми на 2:0 во 70-тата минута, а Мекени во 82-рата минута даде гол за 3:0.

