По најавата за укинување на Ваучер-системот преку кој функционираше целокупниот македонски спорт во последните години, со соопштение се огласија од Агенцијата за млади и спорт. Во тоа се вели дека спортските ваучери не се укинуваат, туку се менува единствено начинот на нивна реализација. Според АМС, од претходно било најавено дека државата директно ќе ги исплаќа средствата на спортските субјекти коишто ќе имаат право на спортски ваучер.
„Агенцијата за млади и спорт во врска со измените во Законот за данок на добивка кој се однесуваат на даночно ослободување за националните спортски федерации, спортски клубови и активните спортисти, ве известува дека со овие измени не се укинуваат спортските ваучери, туку се менува единствено начинот на реализација на спортските ваучери и како што беше претходно најавено, државата директно ќе ги исплаќа средствата на спортските субјекти кои ќе имаат право на спортски ваучер. Агенцијата за млади и спорт во координација со Министерството за правда го имаат подготвено новото предлог-законско решение со кое ќе се уреди новиот начин на реализација на спортскот ваучер и тоа е во фаза на усогласување со надлежните институции за да се овозможи отпочнување на собраниска процедура за новите предлог-законски измени. Поддршката во спортот со спортскиот ваучер ќе продолжи, оваа мерка со новиот начин ќе се унапреди, и сите коишто имаа потешкотии од кои било причини при реализација на спортскиот ваучер, тој проблем веќе ќе го немаат. Злоупотребите од нечесните компании кои бараа услуги за реализација на спортскиот ваучер, ќе престанат и сите средства ќе се користат за унапредување на спортот и за потребите на спортистите“, стои во соопштението на Агенција за млади и спорт.