Анализа на ФФМ: Судиите грешеле на штета на Пелистер, Гостивар и Тиквеш

Судиската комисија при Фудбалската федерација на Македонија ја објави анализата на судењето на натпреварите од прволигашкото коло кое се одигра изминатиот викенд. Билансот е четворица судии со слаби оценки, кои грешеле на штета на Пелистер, Гостивар и Тиквеш, а во корист на Струга, Беса и Шкендија.

Во продолжение комплетната анализа на Судиската комисија.

Судиската организација при ФФМ по направените анализи и добиените извештаи од контролорите на натпреварите од изминатото 26-то коло од Првата лига ги констатира следните неправилности и проценки на арбитрите.

Струга Трим Љум –  Пелистер (4:1)

– Пропуштено да се додели црвен картон на домашниот играч со бр. 27 (Кривањева) за намерно удирање со подигната нога во телото на противнчкиот играч кога тој нема можност да игра со топката, за стартот главниот судија додели само жолт картон.

– На интервенција на четвртиот судија погрешно (непотребно) доделен втор жолт картон на гостинскиот играч бр. 70 (Филип Бошковски), со што гостинската екипа второто полувреме го играше со играч помалку. Играчот имаше минимален контакт со рамото со домашниот играч, но тоа е далеку да се окаратеризира за недозволен старт за кој би се доделил жолт картон,. Правилна одлука ќе беше да се опоменат усно и двајцата играчи, кои и претходно имаа некои ситни провокации.

ЗАКЛУЧОК: Главниот судија Александар Грујовски погрешил и е оценет со слаба 7,9 оценка за направените пропуст во 36-тата минута при резултат 0:0. Истата оценка 7,9 ја доделува контролорот Горан Спиркоски и за четвртиот судија Маријан Стојановски за доделениот втор жолт картон во 45+4. минута.  

Беса – Гостивар (2:1)

– Играч на домашната екипа е во полн трк и со отворен простор кон гостинскиот казнен простор. Веднаш по влегувањето во казнениот простор е фаулиран од одбранбен играч, кој со лизгачки старт се обидува да игра со топката, но не успева и го сопнува напаѓачот кој е во очигледна шанса за гол. Исправна одлука на главниот судија, кој без размислување досудува казнен удар, но прави очигледна грешка бидејќи го исклучува играчот кој го прави прекршокот наместо да го опомене.

ЗАКЛУЧОК: Главниот судија Влатко Илијоски неоправдано доделил црвен картон за гостинската екипа и поради тоа е оценет со слаба оценка 7,9 од контролорот Александар Ставрев. Спорниот момент е во 55-тата минута при резултат 0:0.

Тиквеш – Шкендија (0:1)

– Играчот со бр. 9 на домашната екипа доаѓа до една центрирана топка од негов соиграч, не успева да задржи контрола над топката, реагира несмасно и паѓа. Во истиот момент топката доаѓа до неговиот соиграч со бр. 77. Во моментот кога играчот со бр. 77 шутира кон противничкиот гол, главниот судија ја прекинува играта, досудува индиректен слободен удар заради симулирање прекршок, а шутот на домашниот играч со бр. 77 во истиот момент завршува во противничкиот гол. Ценам дека главниот судија направи погрешна проценка, требаше да дозволи играта да продолжи од причина што не станува збор за симулирање прекршок од страна на играчот со бр. 9 на домашната екипа, ниту имаше таква намера, а ниту пак тој со каква било гестикулација или поглед побара прекршок од главниот судија. Главниот судија требаше да остане доследен на критериумот како во претходните две ситуации (втора и деветта минута) и да дозволи играта да продолжи. Констатирам дека во оваа ситуација беше донесена погрешна техничка казна и погрешно доделена дисциплинска мерка.

– Играчот со бр. 15 на домашната екипа е во посед и контрола на топката и во продор централно кон противничкиот гол, а пред себе го има само одбранбениот гостински играч со бр. 85. Главниот судија не е во најидеална поставеност и близина, но во полн спринт и има прегледност на ситуацијата и затоа правилно го препознава прекршокот од гостинскиот одбранбен играч со бр. 85 и тој првенствено го проценува како спречување на ветувачка акција и покажува жолт картон на гостинскиот играч со бр. 85, сметајќи дека другиот гостински одбранбен играч со бр. 2 е во близина и има можност да стигне и да игра со топката. Погрешно! Но, по доделувањето на жолтиот картон видлива е комуникацијата и консултацијата на главниот судија со првиот асистент-судија, по што главниот судија ја менува првично доделената дисциплинска мерка (жолт картон) во директен црвен картон по сугестија на асистенот заради спречување очигледна шанса за гол. Тоа ми беше потврдено и во разговорот по натпреварот. Правилно! Ценам дека главниот судија во првиот момент правилно го препознава прекршокот, но доделува погрешна дисциплинска мерка. Домашниот напаѓач е во продор централно кон противничкиот гол и е спречен со недозволен прекршок од гостинскиот одбранбен играч, а притоа топката е веќе проиграна и зад грбот на одбранбениот играч кој нема можност, ниту намера да игра со топката, но затоа намерно го соборува напаѓачот кој би стигнал прв до топката доколку не е направен прекршокот, со што всушност е спречена очигледна шанса за постигнување гол. Дополнително, другиот одбранбен играч со бр. 2 во моментот на прекршокот е на оддалеченост од најмалку 20-тина метри и нема можност да влијае на кој било начин во развојот на акцијата доколу напаѓачот не беше спречен со прекршок. Констатирам дека на крајот е донесена правилна и храбра одлука од асистентот-судија да сугерира промена на првичната погрешна одлука на главниот судија за дисциплинската мерка. Напоменувам дека исклучениот играч со бр. 85 на гостинската екипа со негодување го напушти теренот за игра, со непристојни и вулгарни гестикулации кон домашната публика, провоцирајќи и држејќи се за половиот орган. Го советувам главниот судија во вакви ситуации, кога е сторен прекршок со кој се спречува очигледна шанса за постигнување гол на клучни три моменти: 1) да не избрзува со дисциплинската мерка, туку да оствари брза и јасна комуникација со асистентот-судија за тоа; 2) во истиот момент на прекршокот да има фотографска меморија каде и каква е поставеноста на другите играчи; 3) кога веќе станува јасно дека ќе се прават дополнителни консултации меѓу судискиот тим, да размисли околу целокупното менаџирање на ситуацијата, односно тоа би требало и би можело да биде побрзо, од причина што од моментот на прекршокот до моментот на продолжувањето на играта, натпреварот е во прекин скоро 4 минути (од 62′:57” до 66′:48”)

– Гостинската екипа започнува акција длабоко од нивната половина на теренот. Додадена е долга топка до гостинскиот напаѓач со бр. 7. Домашниот одбранбен играч со бр. 5 стигнува прв до топката и пробува да ја избие, но во моментот на избивање топката завршува во раката на гостинскиот напаѓач, со што тој всушност ја смирува и ја исконтролирува топката пред себе, се здобива со предност во фазата на нападот, непречено ја проигрува до својот соиграч со бр. 77, кој го постигнува првиот и единствен гол на натпреварот. Ценам дека асистентот-судија не е во идеална поставеност и нема јасна прегледност за да ја забележи играта со рака од гостинскиот напаѓач, но исто така и главниот судија не е во идеална позиција и на оддалеченост од околу 25 метри и оттука ниту едниот, ниту другиот не го забележаа овој момент. Требаше и очекувам вакви ситуации да бидат воочени, пред сè, од главниот судија во фазата на напад. Од оваа погрешна судиска проценка гостинската екипа разви ветувачка акција и постигна гол.

ЗАКЛУЧОК: Јован Качевски прави катастрофална грешка во 45-тата минута, при што е поништен гол на домашната екипа при резултат 0:0. Во 64-тата минута е доделен погрешен картон за гостинската екипа. По асистенција на асистентот и четвртиот судија покажан е директен црвен картон за гостинскиот фудбалер Адили и е преиначена одлуката на главниот судија, кој во таа ситуација додели само жолт картон.

-Истиот судија и во 69-тата минута со неговите асистенти не гледаат очигледна игра со рака на гостите, при што е развиена акција од која падна и единствениот погодок.

ЗАКЛУЧОК: Контролорот Дејан Јакимовски со многу слаба оценка 7,5 ја оцени арбитражата на Јован Качески за трите спорни моменти на штета на ФК Тиквеш.

- Оглас -

Најнови вести