Анчелоти: Јувентус ќе ни ја каже вистината

Карло Анчелоти е еден од големите адути на Наполи, вечерва на дербито во Серија А против шампионот Јувентус, а одличниот стратег ги пофали сите структури во клубот за успешно одиграниот преоден рок и ангажманот на супер засилувањата, меѓу нив и македонскиот репрезентативец Елиф Елмас.

„Ова е момент на вистината. Дербито против Јувентус ќе ни покаже до каде сме и дали сме кадарни да се спротивставиме на клубот кој доминира во Италија. Јас велам дека сега имаме квалитетен ростер за да одиме на титула. Ангажиравме адекватни засилувања и очекувам да бидеме конкурентни докрај на сите фронтови“, истакна Анечлоти.

Популарниот Дон Карло му дава шанса и на Елмас да игра, но според најавите македонскиот репрезентативец повторно ќе биде на клупата за резерви и вечерва, во големото дерби во Торино што ќе се игра од 20.45 часот.

Јувентус имаше голем пех и нема да го има капитенот Џорџо Кјелини во составот, по тешката повреда на тренинг. Кјелини ги скина лигаментите и ќе мора подолго да паузира, па шанса да биде стартер ќе добие најскапото летно засилување на шампионот, Матијс Де Лихт.

„Де Лихт од тебе зависи“ пишуваат новинарите на „Тутоспорт“ на насловната страна, како најава за дербито и дуелот на ланскиот шампион и вицешампион на Италија.

Проблем на Јувентус му прави и можното отсуство на Маурисио Сари, поради пневнмонија. Тој не беше на вообичаената прес-конференција, па на средбата со новинарите се појави неговиот помошник Џовани Мартушело.

„Се надевам дека Сари ќе биде на клупата. Ако не може да го предводи тимот ќе најдеме солуција. Наполи има одличен состав и не очекува едно возбудливо и големо дерби во Торино“, изјави Мартушело.

Во последните неколку години Наполи е главниот конкурент на Јувентус за титулата, но не успева да ја прекине апсолутната доминација на „црно-белите“ кои имаат 8 титули едноподруго.

Старата дама е убедливо најтрофејна екипа во Италија со 35 домашни титули, додека Наполи има две, а го чека пехарот од Серија А, или популарното Скудето од 1990 година.

И во меѓусебните дуели Јувентус е убедлив со 83 победи, наспроти 38 на Наполи со 56 нерешени дуели во досегашните 177 натпревари што ги имаат одиграно меѓусебе во сите конкуренции.

 

- Оглас -

Најнови вести