Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, даде неколку интересни изјави на прес-конференцијата во Минхен, каде што утревечер фудбалерите на Баерн и Реал ќе ја водат првата полуфинална битка од Лигата на шампионите.
„Малкумина мислеа дека денеска ќе се појавам на прес-конференција пред полуфиналето, но ете, успеавме“, беше првата порака на Анчелоти, кој алудираше на тоа дека очекувањата беа Манчестер сити да биде полуфиналист.
Италијанскиот тренер ја смени историјата на Реал пред десет години со победата од 4-0 на гостувањето кај Баерн. Дотогаш Баварците се сметаа за најтежок противник на Реал, но веќе цела деценија стравот исчезна и секогаш кога играа, Кралскиот луб излегуваше како победник.
„Тежината на дресот која ја носиме во ова натпреварување е многу важна. Реал Мадрид никогаш не е потценет во ЛШ. Чувствуваме голема почит кон нас во ова натпреварување од сите. Мечот од пред десет години останува во добро сеќавање, утре ќе биде поинаква приказна. Многу го почитуваме Баерн. Многу се силни во транзиција, имаат многу брзи играчи. Ние сме две екипи кои немаат многу јасен идентитет и можеме да играме на различни начини. Тие немаа фантастична сезона во Бундеслигата, но имаа спектакуларен натпревар против Арсенал“, изјави Дон Карло, единствениот тренер со четири титули во ЛШ.
Анчелоти, кој е некогашен тренер на Баерн, не мисли дека тренерот има главна улога, туку играчите се тие што одлучуваат.
„Верувам дека тренерот ја нема најважната улога. Има две категории тренери, оние кои не прават ништо и оние кои прават голема штета. Се трудам да бидам во првата група. Играчите мора добро да ја разберат тимската работа. Разликата е во тимот“, вели Анчелоти.