Карло Анчелоти успеа да ја смири тензичната ситуација со победата над Осасуна пред репрезентативната пауза, но неговата позиција како тренер на Реал Мадрид сè уште не е целосно сигурна. Според „Релево“, претседателот на клубот, Флорентино Перез, веќе подготвил план за итна реакција доколку тимот влезе во нова криза, а во таков случај, Анчелоти би бил заменет од Сантијаго Солари.
Солари, поранешна ѕвезда на Реал, веќе еднаш беше привремено решение, преземајќи ја клупата по отказот на Хулен Лопетеги во 2018 година, кога Барселона славеше со 5-1 во „Ел Класико“. Солари го водеше тимот на 28 натпревари, но беше сменет во март 2019 година, по серија неуспеси, вклучувајќи елиминација од Барселона во Купот на Кралот и пораз во Ел Класико на „Сантијаго Бернабеу“.
Солари сега е дел од раководството на Реал Мадрид, каде што извршува директорска функција. Во случај на нова тренерска промена, тој би бил само привремено решение до крајот на сезоната, бидејќи главната цел на Перез останува Чаби Алонсо, актуелниот тренер на Баер Леверкузен.
Чаби Алонсо има план да го преземе кормилото на Реал Мадрид во летото 2025 година, но не сака да ја напушти германската екипа среде сезона.
Анчелоти има шанса да ја подобри својата позиција доколку Реал ја искористи предноста од можни грешки на Барселона и го намали заостанувањето во Ла Лига. Сепак, формата на тимот во Лигата на шампионите е под знак прашалник, особено со тешките гостувања против Ливерпул (27 ноември) и Аталанта (10 декември).
За почеток, победата против Леганес вечерва е клучна за да се задржи стабилноста и да се намали притисокот врз Анчелоти.