Карло Анчелоти, еден од најтрофејните менаџери во фудбалот, откри како времето во Челзи било едно од најтешките во неговата кариера. Причината? Роман Абрамович.
Во својата нова автобиографија, Италијанецот признава дека животот под рускиот олигарх бил постојана борба.
„Абрамович беше како сенка која секогаш стоеше зад мене“, пишува Анчелоти.
Анчелоти пристигна на „Стемфорд Бриџ“ во 2009 година и уште во првата сезона му донесе двојна круна на клубот – титула во Премиер лигата и ФА куп. Но, наместо да започне нова ера, притисокот од сопственикот станал неподнослив.
Абрамович барал објаснувања за секој пораз, а Лигата на шампионите била неговата единствена опсесија. Ситуацијата дополнително се усложнила со присуството на Жозе Мурињо во позадина, а токму неговиот Интер го елиминираше Челзи во 2010 година.
„Требаше да бидам спротивност на Мурињо, но натпреварите со Интер го покажаа спротивното“, вели Анчелоти.
Клучниот момент бил замената на Фернандо Торес, тогаш рекорден трансфер од 50 милиони фунти, во дуелот со Манчестер јунајтед. Абрамович тоа го сфатил како лична навреда и довербата засекогаш била изгубена.
На крајот, по елиминацијата од Лигата на шампионите и поразот од Евертон, Анчелоти бил отпуштен – директно во ходникот на „Гудисон Парк“.
Иако разделбата била болна, Анчелоти ја памети и емотивната вечер од своите фудбалери – Тери, Лампард, Дрогба и Кол, кои му приредиле збогување.
„Тогаш сфатив дека вистинската поддршка ја имав од играчите“, вели Италијанецот.
„Можеби Абрамович беше во право, бидејќи следната година Челзи ја освои Лигата на шампионите. Но, за мене, секој ден во Челзи беше добар ден“, заклучува Анчелоти.