Селекторот на фудбалската репрезентација на Бразил, Карло Анчелоти, го повика Нејмар добро да се подготви за Светското првенство во 2026 година, нагласувајќи дека станува збор за „многу важен играч“ за националниот тим, и покрај бројните повреди.
„Мора добро да се подготви и има доволно време за тоа“, изјави Анчелоти во интервју објавено од Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ) на нејзините официјални профили на социјалните мрежи.
Нејмар (33) во вторникот го продолжи договорот со Сантос до крајот на годината, продолжувајќи го вториот мандат во клубот во кој порасна и каде се врати на крајот од јануари.
Сепак, како и во периодите во Пари Сен Жермен (2017–2023) и саудискиот Ал-Хилал, и овој негов камбек е обележан со чести повреди.
„Станува збор за играч кој е исклучително важен за нас во пресрет на Светското првенство“, додаде селекторот.
Бразилскиот офанзивец одигра само 12 натпревари во последните пет месеци во сите натпреварувања, постигнувајќи три гола и асистирајќи трипати во првенството на сојузната држава Сао Пауло. Во националниот шампионат настапи на четири од вкупно 11 натпревари за неговиот тим, кој се наоѓа на 15-тото место на табелата.
Иако во март беше повикан во репрезентацијата за дуелите со Колумбија (2-1) и Аргентина (1-4), мораше да го откаже учеството поради нова повреда на бутниот мускул.
Најдобриот стрелец во историјата на Бразил со 79 голови (два повеќе од Пеле), го пропушти и првиот список на Анчелоти на крајот од мај.
Без Нејмар, петкратниот светски првак обезбеди пласман на Светското првенство 2026 година со реми против Еквадор (0-0) и победа над Парагвај (1-0) на почетокот на јуни.