Анчелоти: Требаше да победиме, но не треба да правиме драма поради ремито

Реал Мадрид ја прекина перфектната низа на „Сантијаго Бернабеу“ сезонава откако одигра 0:0 против Рајо Ваљекано. Ова беше прв дуел сезонава на кој ѕвездите на Реал Мадрид не постигнаа ниту еден гол. Херој на мечот против Кралскиот клуб е голманот на Рајо, македонскиот репрезентативен чувар Столе Димитриевски, кој имаше неколку фантастични одбрани и заслужено беше прогласен за најдобар играч на средбата.

По дуелот, тренерот на Реал, Карло Анчелоти, не сакаше многу да ги „бранува страстите“ поради киксот со градскиот ривал.

„Разочарани сме од резултатот, но одигравме добар меч. Создадовме многу шанси, игравме со многу енергија. Некогаш победувате на мечеви на кои не заслужувате да победите, а некогаш нема да победите на дуел на кој сте заслужиле да се радувате. Ова беше меч на кој заслуживме да победиме, но тоа не се случи. Уште сме во трка во Примера и во Лигата на шампионите и затоа не треба да се прави драма поради ова реми“, вели Анчелоти.

Италијанскиот стратег дуелот го започна во формација 4-4-2, а потоа се трансформира во 4-3-3, но и тоа не даде резултат и ниту една од реаловите ѕвезди не успеа да го матира Димитриевски. Анчелоти додаде дека ако во претходното коло ремизирале на Ел Класико со Барселона, а сега победиле со Рајо, ситуацијата на табелата ќе била иста, но секако дека е подобро да се победи вечниот ривал.

- Оглас -

Најнови вести