Селекторот на Бразил, Карло Анчелоти, денеска кристално јасно стави до знаење како сака да игра неговиот Бразил.
„Жого бонито (Убава игра)? Последните две Светски првенства што ги освои Бразил беа освоени со комбинирање на талент и одбрана. Со Сколари и неговите три централни бекови во 2002 година, на пример, и во 1994 година, Пареира користеше две линии од по четворица играчи за да го искористи Ромарио во нападот. Нема друг начин освен добро да се браните. Светското првенство го освојува тимот што ќе прими најмалку голови, а не оној што ќе постигне најмногу. Не ми се допаѓа да ме нарекуваат дефанзивен, но тоа е многу важно за тимот“, рече Анчелоти.
Анчелоти треба да даде список од 26-мина играчи, крајниот термин (18-ти мај) се приближува, а има голема конкуренција. Бразилците најмногу ги интересира дали Нејмар ќе биде на листата на патници на СП. Дон Карло откри и дека во главата веќе го има почетниот состав на Кариоките на Мундијалот и тоа навестува дека е можно Нејмар и ако биде повикан, да биде резерва на Винисиус и Рафиња.

