Едно одлично полувреме му беше доволно на македонскиот вицешампион МЗТ Скопје за убедлива победа во Домжале против Хелиос со 92:73.
Аеродромци ја прокнижија третата победа по ред во АБА 2 лигата, вкупно деветта сезонава во ова натпреварување.
Извонредниот Андрија Бојиќ држеше лекција по кошарка во Словенија и постигна импресивни 35 поени, гарнирани со 11 скокови. Вудард даде 14 поени, а првото полувреме беше клучно за победата на гостите од Скопје.
МЗТ имаше предност од 49:37 по 20 минути игра, а домаќините се заканија во продолжението, намалија на минус 7 пред почетокот на последната четвртина.
Но, МЗТ го имаше супер расположениот Бојиќ и ја доби последната четвртина со 27:15 за убедлива победа со разлика од 19 поени.