Ангеловски чека абер од Италија, Пандев и Елмас го одложија списокот за дуелот со Косово

Игор Ангеловски го одложи објавувањето на списокот на репрезентативци за дуелот против Косово и наместо денеска, ќе го соопшти во сабота, а се чека абер од Италија и ситуацијата со корона-вирусот.

Засега вестите од Апенините се добри, а и Горан Пандев и Елиф Елмас имаат негативни тестови на ковид-19 по мечот меѓу Наполи и Џенова.

Пандемијата со корона-вирусот го тресе најстариот клуб во Италија, Џенова, каде што има дури 14 случаи на фудбалери и луѓе во клубот што се позитивни на корона-вирус. Меѓу нив на веќе објавениот список со заразени не е Горан Пандев, кој има три негативни тестови.

Се тестираа и играчите на Наполи и првично ниту еден фудбалер, меѓу нив и Елиф Елмас не е позитивен на тсетот за Ковид-19.

Сепак, еден од најмладите наши репрезентативци ќе мора на дополнителен втор тест за да се потврди резултатот.

Тоа му создава големи главоболки на Ангеловски пред историскиот дуел со Косово што треба да се игра во Скопје на 8 октомври.

Ситуацијата е деликатна и со патувањето од Италија до Македонија во ваква ситуација, особено за Горан Пандев, но сепак има големи шанси капитенот да игра против Косово.

Македонија ќе му биде домаќин на ривалот во полуфиналната фаза од Сегментот Д на националната арена „Тодор Проески“ и ако победи во нокаут-меч, ќе игра финале против Грузија или Белорусија на гостински терен за пат на Европското првенство што ќе се игра следната година.

 

- Оглас -

Најнови вести