Ангеловски: Ова е победа за сите генерации на македонски фудбалери

Игор Ангеловски потскокна од радост по завршување на мечот со Косово, очигледно беше дека му падна голем товар од грбот со пласманот во финалето, а по аплаузот со кој беше дочекан на прес-конференцијата, веднаш најави дека главниот „скок“ треба да го направиме на 12 ноември, во Тбилиси против Грузија.

Македонија ќе игра големо финале и нокаут-меч за пат на ЕП следната година.

„Заслуживме да се радуваме заедно со народот во Македонија, но тоа нека биде само вечерва. Имавме прекрасна поддршка од сите, иако немаше публика на трибините. Ова е победа на сите генерации на фудбалери и спортски работници кај нас. Им благодарам на сите, но допрва нè чека работа бидејќи ништо не е завршено. Нè чека финален меч, со епитетот историски против Грузија. Ќе ни се приклучи и Елмас за мечот во ноември, што е одлично за нас. Нема да калкулираме ниту против Естонија за три дена, бидејќи целта ни е да бидеме први и во новиот циклус на Лигата на нациите. Мора да се признае дека фудбалот во вакви услови во ек на пандемија со ковид-19 не е ист, вечерва ни фалеа многу навивачите и ќе сториме сè да ги израдуваме со пласман на Европското првенство“, изјави Ангеловски.

- Оглас -

Најнови вести