Фудбалската репрезентација на Македонија утре го започнува новиот циклус квалификации за ЕП 2020. Во Скопје, на Националната арена „Тоше Проески“ гостува Полска, репрезентација против која досега сме играле само трипати во мечеви од пријателски карактер, но без позитивен учинок.
Селекторот Игор Ангеловски во пресрет на овој натпревар посочи дека неговите фудбалери не се плашат од никого, па затоа утре против Полјаците ќе играат со иста тактика како и досега, офанзивно и агресивно.
„Во овие моменти не мислиме на четирите освоени бода од досегашните квалификациски мечеви. Ние во овој циклус се однесуваме како да почнуваме од нула, па затоа посакувам да продолжиме како и досега. Јас не отстапувам од мојата филозофија, без разлика кој ни е следен противник. Сакам од почеток да играме офанзивно и агресивно. Тактиката што носи добри резултати не треба да се менува, токму затоа нема да отстапам од мојата замисла. Ме радува што надминавме дел од повредите. Оние што закрепнаа правеа напори да бидат подготвени за овој циклус, што покажува дека имаме карактер. Фактот што во Скопје ни доаѓа доста квалитетна репрезентација за нас е мотив да се избориме за позитивен резулатат“, истакна селекторот Игор Ангеловски.
Натпреварот Македонија – Полска од третото коло во ЕП квалификациите за 2020 година започнува во 20:45 часот на Националната арена „Тоше Проески“.