Македонската фудбалска репрезентација утре ќе гостува во Тбилиси против Грузија, во второто коло од Лигата на нации. И двете селекции победнички стартуваа во првото коло. Македонија со 2:1 ја победи Ерменија во Скопје , а Грузија на гости минимално со 1:0 ја победи Естонија.
Селекторот на Македонија, Игор Ангеловски вели дека Грузија има квалитетен состав, а се надева дека освен борбите во оваа фаза од Лигата на нации, Македонија против овој ривал да игра и во финалето за пласман на Европското првенство.
„Ја започнавме групната фаза со победа, но мислам дека утре не сме фаворити. Исто така верувам дека во групата нема изразит фаворит за првото место. Сите четири селекции се со еднакви шанси. Нè чека тежок меч, бидејќи Грузија има добра селекција . Не можам детално да зборувам за планот на утрешниот натпревар, но секогаш ја подготвувам екипата за да можеме да играме најдобро. Ќе се обидеме да покажеме добар фудбал. Би сакал тука да дојдеме повторно во ноември и да играме во финалето на плејофот за пласман на ЕП 2020. Сепак, сега сме фокусирани на утрешниот дуел“, рече Ангеловски.