Перфектен биланс од две победи без примен гол е причина за задоволство на селекторот Игор Ангеловски, по триумфот на Македонија против Ерменија од 2-0. Популарниот Мрме потенцира дека играчите си ја завршиле работата, но дека има уште многу да се игра за да се стигне до крајната цел, а тоа е да се остане на првото место во групата.
„Задоволен сум од победата од 2-0. Влогот е преголем во ова натпреварување за да не одиграме на резултат. И на првиот меч во Гибралтар и сега го направивме тоа. Сето тоа што го подготвувавме, момците го направија на терен. Не е сè готово. Има уште 4 меча и мора да одиме од меч во меч. Има реванш и во Ереван, претходно меч со Лихтенштајн дома. Најважно е на крајот да бидеме први на табелата. Можеше да дадеме и трет гол, но и да примиме погодок, па затоа сум задоволен од 2-0. Им честитам на момците“, рече Ангеловски на прес-конференцијата веднаш по завршувањето на мечот.