Ејди Ботројд нема намера да се повлече по експресната елиминација на Англија по само два одиграни меча и два порази на младинското Европс првенство во Италија и Сан Марино.
Селекторот на „Гордиот Албион“ е главната мета на критики по неуспехот на селекцијата која беше во првиот ред фаворити и за титулата, но по поразите од Франција и Романија ќе си замине дома и е без шанси за пласман во полуфиналето.
„Немам намера да поднесам оставка. Веројатно ќе треба да ме избркаат“, изјави Ботројд. Англичаните имаат играчи кои настапуваат во најсилните клубови од Премиерлигата, но селекторот потфрли.
Најголемата замерка е што на дуелот со Романија, кој беше загубен со резултат 2:4 не играа Фоден од Манчестер сити, Абрахам од Челси и Нелсон од Хофенхајм. Фоден и Нелсон имаат настапи и во Лигата на шампионите, а Абрахам е веројатно и најквалитетниот напаѓач во овој состав на Англија, но беше резерва.
Ботројд пред само еден месец го продоллжи договорот за селекторската позиција на уште две години, па можно е да добие отказ и отштета за да си замине од кормилото.
На Англичланите сега им остана само дуелот со Хрватска, кој ќе биде речиси ревијален, бидејќи двете селекции се испаднати со по два порази и без бодови во Ц групата, зад Романија и Франција со по шест бода.
Победниците во трите групи и најдобрата второпласирана селекција ќе играат во полуфиналето, а токму од оваа група можно е да има две селекции, ако Романија и Франција одиграат нерешено на 24. јуни.